Местото на Пандев е во елитата – Џенова победи и се спаси

Горан Пандев и во наредната сезона ќе биде онаму каде што заслужува – во елитното друштво на италијанскиот фудбал откако со Џенова вечерва ја совлада екипата на Верона со 3-0 и го осигура опстанокот во Калчо-лигата. Џенова влезе во денешното последно коло со еден бод предност во однос на Лече, а со убедливиот триумф само стави печат на спасот на сезоната. Се беше решено уште во првото полувреме, кога Санабрија постигна два гола, за Ромеро уште пред крајот на полувремето да зголеми на 3-0.

Токму дефанзивецот Ромеро во вториот дел заработи црвен картон, но и со играч помалку на теренот Џенова умешно ја сочува убедливата предност. Пандев асистираше при вториот гол на својот тим и остана на теренот се до 82. минута. За очекување е по осигураниот опстанок, во наредните денови да се официјализира и новиот договор меѓу Пандев и Џенова со кој Македонецот ќе остане дел од овој клуб до јуни 2021 година.

Свесни за резултатот во Џенова, фудбалерите на Лече без преголема мотивација го одиграа второто полувреме од домашниот дуел против Парма губејќи со 3-4.

Удинезе триумфираше на гостувањето против Сасуоло со 0-1, меч на кој Несторовски влезе во игра во 83. минута. Македонецот имаше одлична шанса во 90. минута, но голманот Консилји спречи Несторовски со гол да ја финишира сезонава во Калчо-лигата.

Со вечерашните дуели и официјално беше ставен крај на сезоната во Серија А, шампион деветта година по ред е Јувентус, место во ЛШ обезбедија и Интер, Аталанта и Лацио, додека во Лигата на Европа следната сезона ќе се натпреваруваат Рома, Милан и Наполи. Елитното друштво покрај Лече го напуштаат и СПАЛ и Бреша.

Се вчитува...