„Металците“ бараат поддршка: Билетите за МЗТ – Задар по цена од 50 денари

МЗТ Скопје и Задар ќе се сретнат утре во вториот натпревар од баражот за пласман во АБА-лигата, дуел на кој „металците“ со победа ќе го осигураат враќањето во елитното кошаркарско друштво во регионот.

Раководството на македонскиот вицешампион се реши за максимално популарни цени на влезниците, па фановите ќе треба да издвојат само по 50 денари за влез во салата „Јане Сандански“. Јасно е, поддршката ќе биде добредојдена, за да се оствари посакуваниот успех и МЗТ по само една година пауза повторно да биде дел од АБА-лигата.

„Втор дуел од бараж-серијата за влез во АБА-лигата, во кој ќе се обидеме да дојдеме до клучната победа за враќање во јадранската елита. Ова дефинитивно е најважниот меч во досегашниот дел од сезоната во кој и тоа како ни е потребна помош од трибините. Затоа, дојдете во што поголем број да им дадете поддршка на избраниците на тренерот Кочов да го потврдат „брејкот“ од првиот меч во Хрватска. Билетите ќе се продаваат на денот на натпреварот по цена од 50 денари“ – објавија од раководството на МЗТ Скопје.

Се вчитува...