„Металците“ немоќни пред Борац: Убедлив пораз на МЗТ Скопје во Чачак

Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја и четвртиот пораз во АБА 2 лигата, овојпат во 15. коло на гостувањето од лидерот Борац со 95-73.

На дуелот во Чачак домашните доминираа од самиот почеток на натпреварот јасно демонстрирајќи дека нема да дозволат никакво изненадување. По почетната израмнетост, кошаркарите на Борац многу брзо се стекнаа со завидна предност која ја одржуваа до крајот на полувремето кое го завршија со 45-34.

Победникот на мечот дефинитивно беше решен во третата четвртина која Борац ја доби со 34-20. Тоа веќе значеше предност од 25 поени пред последниот период и јасна слика околу тоа кој е кој на паркетот. До финишот домаќините само рутински ја одржуваа предноста за конечни 95-73.

Најефикасен во победничкиот тим беше Ѓоковиќ со 25 поени, а 15 поени запиша Неранџиќ. Кај МЗТ Скопје се издвоија Милошевиќ со 15 поени, Хајндс со 13 поени и Морнар со 11 поени.

По овој пораз МЗТ Скопје е со 11 победи и 4 порази на втората позиција на табелата, зад Борац Чачак кој е на врвот со 13 победи и само два порази. На третата позиција е Широки со 9 победи и 6 порази.

 

Се вчитува...