Металург со убедлив пораз ја стартуваше новата сезона во Лигата на шампионите, откако тимот на Лино Червар сосема очекувано капитулираше во пресметката со Монпелје со 32-22 . Без оглед на обидите да се стори нешто повеќе, од самиот почеток стана јасно дека францускиот прволигаш игра на повисоко ниво од „металурзите“, Червар немаше одговор ниту во нападот, ниту во одбраната, па убедливиот пораз беше неизбежен.
Македонскиот тим поведе со 0-1, потоа и со 2-3, но штом Гигу погоди од седмерец за 4-3 домаќините ја презедоа контролата над резултатот и не дозволија Металург да им ги замрси сметките. Клучен период беше оној од 15. до 20. минута, кога по минималната предност на домаќините од 7-6 францускиот тим набрзина направи серија од 6-1, стигна до убедлива предност, па до крајот на полувремето на одмор замина со одлична позитива од 19-11.
Десет минути од второто полувреме им беа доволни на домашните ракометари да стигнат и до двоцифрена позитива (24-14), по што Монпелје рутински го одработи остатокот од мечот, давајќи им шанса и на голем дел од резервните играчи. Конечниот резултат од 32-22 е реален за случувањата на теренот, а на Металург е што поскоро да извлече лекции, па да прикаже многу подобра игра на мечот од второто коло, на домашен терен со Бешикташ.
Јагањац постигна шест гола, Кузмановски беше стрелец на пет, а Пешевски и Велковски на по четири погодоци за „металурзите“, додека прв стреелец на Монпелје беше Гигу со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА