Металург даде се од себе, но не успеа да го елиминира Горење

Металург не успеа да се пласира во групната фаза од ЕХФ-купот откако во вечерашниот реванш ремизираше со Горење (23-23), меч во кој македонскиот тим 59 минути имаше резултатска предност. И денешниот дуел докажа дека станува збор за пресметка меѓу два израмнети ривали, но преубедливата негатива од пет гола од првиот меч се покажа клучна за „металурзите“ во оваа фаза да ја завршат својата европска авантура.

Почетокот беше ветувачки за избраниците на Зоран Кастратовивиќ, кои тргнаа одлично во нападот и цврсто во одбраната, па во раната фаза од мечот поведоа со 4-1. Гостите не дозволија кризата да се продлабочи, успеаја да се вратат, па до крајот на полувремето разликата се движеше меѓу еден и три гола, за на одмор да се замине со водство на Металург од 13-10.

Пресуден се покажа стартот на второто полувреме, во кое гостите од Словенија успеаја не само да ја намалат предноста, туку и да стигнат до израмнување. Времето ги „газеше“ македонските ракометари, кои се обидоа да сторат нешто повеќе, поведоа со 20-18, имаа и 22-19, но повторно се соочија со идентичен проблем како и на првиот дуел, при предноста од три гола не реализираа пенал, со што беше пропуштена и последната шанса. Оние „минус пет“ од Велење се покажаа недостижни, па откако стана јасно дека пласманот во групите на ЕХФ-купот е надвор од дофат, Металург им овозможи на гостите да стигнат и до израмнување и конечни 23-23.

Марио Танкоски со шест гола беше најефикасен кај македонскиот претставник, пет постигна Поповиќ, а четири Мариќ.

Се вчитува...