Металург е „три од три“ во Супер-лигата

Металург ја забележа и втората победа во рок од 24 часа, славејќи на домашен терен над Тиквеш со резултат 36-24, меч од третото коло што се игра порано поради учеството на „металурзите“ во квалификациите за Лигата на Европа.

Тренерот Кастратовиќ ја ограничи минутажата на клучните играчи, шанса добија дел од ракометарите кои вообичаено се резерви, но тоа не се одрази врз конечниот исход. Гостите од Кавадарци солидно парираа дваесетина минути, кога резултатот гласеше „плус два“ за Металург, но домаќините фуриозно го завршија полувремето, на одмор заминувајќи со 21-13.

Второто полувреме беше рутина за фаворитот, кој без мака ја одржа предноста, за прво место во својата група од Супер-лигата. Мице Шилегов беше прв стрелец на победничкиот тим со девет гола, по четири постигнаа Кондев, Додиќ и Рниќ, додека најефикасни во таборот на Тиквеш беа Јанчев и Колоски со по пет гола.

Поранешниот македонски првак рутински ја одработува фаворитската улога во Супер-лигата, но клучниот предизвик следи викендов – домашниот дуел со Криенс во квалификациите за влез во групната фаза од Лигата на Европа.

Се вчитува...