Металург извиси за Лигата на Европа, ќе мора да игра две квалификациски кола

Металург е најголемиот губитник при денешната објава на ЕХФ околу тимовите кои ќе бидат дел од новоформираната Лига на Европа, откако беше обелоденето дека македонскиот тим ќе мора да игра две квалификациски рунди за да стигне до групната фаза. Во период во кој неколку екипи од врвните европски лиги го откажаа учеството од ЛЕ, „металурзите“ се надеваа на директен пласман во групната фаза.

Не само што тоа не се случи, туку клубот од Автокоманда ќе мора да игра две квалификациски рунди, значително отежнувајќи ја задачата да се стигне до групите, кои ќе значат поатрактивни противници, но и финансиски надомест од ЕХФ за секој натпревар. Заедно со Металург, дел од првото квалификациско коло ќе биде и тимот на Бутел. Друштво на „металурзите“ и на Бутел во шеширите за првата квалификациска рунда ќе бидат Горица, Дубрава и Спачва (Хрватска), Скјерн, Силкеборг и Холстебро (Данска), Мелсунген (Германија), Бидасоа (Шпанија), Валур (Исланд), Бенфика (Португалија), Арендал (Норвешка)…

Како што беше од претходно објавено, Пелистер има автоматски пласман во групите од Лигата на Европа, откако битолскиот клуб не беше примен да стане дел од Лигата на Шампионите. Покрај „пелистерци“, автоматско учество во групната фаза имаат и Ним, Магдебург, Татабања, Висла Плоцк, Динамо Букурешт, Чеховски Медведи, Шафхаузен, Татран Прешов, Бешикташ и Алингсас.

Ждрепката за квалификациските рунди ќе биде извршена на 28 јули во Виена, а првите натпревари од квалификациите ќе се играат на 29/30 август.

Се вчитува...