Металург меѓу десетте најголеми фаворити во Купот на ЕХФ

Поранешниот македонски првак Металург е сместен во групата на десет најголеми фаворити во Купот на ЕХФ, во изборот на европската куќа на ракометот. „Металурзите“ сезонава по долги години не беа вклучни во Лигата на шампионите и ќе мораат да играат во второто по квалитет европско натпреварување. Иако играчкиот состав повторно ќе биде подмладен и сериозно променет, македонскиот клуб според ЕХФ ќе има што да каже во ова натпреварување.

„По осум последователни сезони во Лигата на шампионите, Металург сега ќе биде дел од Купот на ЕХФ. Македонскиот тим не успеа да остави посилна трага во Лигата на шампионите минатта сезона, но сега ќе биде мотивиран да се подобри во поинаква средина“ – се вели во описот за ранкингот на Металург на веб-страницата на ЕХФ.

„Металурзите“ се уште се немаат пласирано во групната фаза, но ќе бидат носители во ждрепката за последната квалификациска рунда.

Прв фаворит за трофејот според ЕХФ е Рајн-Некар Левен, а зад германскиот гигант се наоѓаат Нант на Кире Лазаров, потоа Фуксе Берлин, Магдебург и Скјерн.

Се вчитува...