Металург по прва европска радост – Бешикташ е ривал по мерка

Ракометарите на Металург се оптимистички расположени во пресрет на денешниот дуел со Бешикташ (17 часот), пресметка на која македонскиот вицепрвак ќе се обиде да стигне до првата домашна победа во ЛШ сезонава. Поразот од Монпелје беше очекуван, но „металурзите“ тотално потфрлија во СЕХА-лигата против Војводина, па Лино Червар не крие дека очекува далеку подобро издание денеска против турскиот шампион.

Анализирајќи ги претходните две средби, со Монпелје и со Војводина, можам да кажам дека имаше работи кои вредеа, но има и работи кои ќе мораме да ги поправиме. Претстојната средба е големо искушение за нашиот млад тим, очекувам тежок натпревар, па ние ќе мораме да бидеме максимално сконцентрирани и фокусирани. Мораме да ја поправиме одбраната и да играме колективна игра. Повеќе ни е потребна тимската игра, а помалку игра за самоистакнување. Во Лигата на шампионите, ако не се искористи секоја шанса, секој зицер, тешко ќе успеете да победите. Оваа екипа е пред една пресвртница, немавме тешки натпревари и потребно е да созрее. Бешикташ загуби од Спортинг во првото коло, тие имаат неколку истакнати играчи што подолго време се заедно. Имаат исклучително брза транзиција во играта, но ако ние ги исправиме недостатоците во нашата игра, а воедно добиеме и поддршка од публиката, тогаш имаме шанси“ – изјави Лино Червар.

Сигурните игри на домашен терен и минатата сезона беа главна одлика на „металурзите“ во ЛШ, a Бешикташ е идеален ривал за оваа традиција да продолжи и на денешниот дуел.

Се вчитува...