Металург потпиша српски „џин“ од Германија

Металург продолжува да го засилува тимот за следната сезона, откако поранешниот првак на Македонија денеска го официјализираше трансферот на Никола Потиќ, српски интернационалец кој во „Автокоманда“ пристигнува од редовите на Либек, тим од втората германска лига. Станува збор за „џин“ висок 202 сантиметри, кој ќе ги зголеми опциите во нападот, но исто така и ќе биде еден од столбовите на одбраната на Металург во наредната сезона.

„Добиваме квалитетен ракометар со кого е потпишан договор на една година, со можност за продолжување на соработката и во иднина“, потврди претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Потиќ пред Либек го носеше и дресот на хрватскиот првак Загреб, а овој 26-годишен ракометар претходно има настапувано и за Партизан, Крка, Хуанфрес, Кангас…

Со ангажманот на српскиот интернационалец дополнително се засилува позицијата десен бек, на која Металург лани ги имаше Мартин Серафимов и Томи Јагуриновски. Серафимов се уште е под договор со „металурзите“, додека договорот на Јагуриновски е истечен, но на овој ракометар му е понудено да потпише нов и да остане во Автокоманда.

Се вчитува...