Металург се збогува од ЛШ со пораз во Лисабон

Металург го претрпе и самиот пораз во Лигата на шампионите, овојпат на гостувањето во Лисабон против Спортинг со резултат 31-27, за крај на уште една европска авантура на актуелниот вицешампион на Македонија. Тренерот Јовиќ и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи во голем дел од мечот одлично парираа, па дури беа и подобар противник од Спортинг, но падот на концентрацијата во клучните моменти пресуди наместо радост, да следи ново разочарување.

Металург од самиот почеток го диктираше темпото, со својот напад „седум на шест“ создавајќи му големи проблеми на португалскиот првак. Македонскиот претставник дојде до рано водство од 1-5, но Спортинг набрзо успеа да ја консолидира својата игра, па на половина од полувремето резултатот повторно беше израмнет (7-7). Португалците за момент влегоа во ритам, поведоа со два гола (11-9), имаа и играч повеќе по исклучувањето на Димитриевски, но потоа Металург целосно ја презеде контролата. Одбраната и со ракометар помалку функционираше одлично, а брзите контранапади беа значајно оружје за нов пресврт, за Велковски со „бомба“ од десет метри да донесе три гола предност за „металурзите“ на крајот од првото полувреме (12-15).

metalurg sporting1 arsic

За жал, одморот добро им дојде на португалските ракометари, кои експресно го свртеа резултатот во своја полза. Најпрвин Спортинг стигна до 17-17, Металург даде два гола во серија, но следеше низа од 4-0 на домашниот тим, по што Јовиќ побара тајмаут при водство на Португалците од 21-19. Спортинг дојде и до 22-19, но потоа по исклучувањето на еден домашен ракометар, македонскиот претставник се врати во ритам, намалувајќи на 22-21 на петнаесет минути до крајот. Дарко Димитриевски беше исклучен по третпат и мораше да се пресели на трибините, но тоа не му пречеше на Анѓелиќ веќе во следниот напад да погоди за израмнување од 22-22. И тогаш повторно дојде до „црн период“ во играта на „металурзите“, кои пет минути не постигнаа погодок, па Јовиќ при водство на противникот од 25-22 зеде уште еден тајмаут.

Во следниот напад Металург погоди, но кога се укажа шанса за целосен камбек Јагањац почетнички погреши давајќи му ја топката в раце на Руесга, кој од својата половина ја смести во празната мрежа. Домашниот тим потоа рутински ја одржуваше предноста се до самиот крај и конечните 31-27. Илиќ со шест и Кузмановски со пет гола беа најефикасни кај „металурзите“ при вечерашниот пораз.

Металург со само пет бода (две победи, едно реми и седум порази) од десет натпревари ја заврши и оваа авантура во Лигата на шампионите

Се вчитува...