Металург во нова европска авантура – Горење е ривал по мерка

ЕКИПА во Словенија,

Стеван Цаневски

Металург по долги години настапување во Лигата на шампионите, сезонава почнува со поинаков европски предизвик, учество во ЕХФ-Купот. Клубот од Автокоманда вечерва (20 часот) го игра првиот натпревар од третото коло, на гостински терен против Горење Велење, во обид да се обезбеди место во групната фаза од второто по квалитет европско натпреварување.

Првиот впечаток е дека двата тима се генерално израмнети, па ќе решаваат нијанси, а во таборот на Металург се надеваат дека на крајот ќе успеат да излезат како победници.

„Против себе имаме ривал што е квалитетен и што диктира силно темпо на игра. Играат брзо во нападот, но од друга страна ако налетаат на нешто поцврста одбрана што инсистира на контакт-игра, може да се исфрлат од ритам. Тоа е она што треба да го сториме, но и да бидеме внимателни во нападот, да го минимизираме бројот на технички грешки“ – вели голманот Даниел Дупјачанец, кој се враќа на голот на Металург за овој значаен натпревар.

Тренерот Зоран Кастратовиќ во тимот на располагање ќе го има и Велко Маркоски, кој дефинитивно ќе донесе дополнителен квалитет во играта во одбрана.

Реваншот меѓу Металург и Горење се игра на 24 ноември во 18 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...