Метју Божиновски: Огромна е честа што добив повик да играм за Македонија, навистина сум возбуден

Метју Божиновски до австралискиот премиерлигаш Мелбурн виктори ќе биде новото име на списокот на Благоја Милевски за јунскиот подготвителен собир и пријателскиот натпревар со Словенија закажан за 3. јуни во Терме Чатеж.

Како што претходно објави ЕКИПА, 20-годишниот Божиновски веќе го прифати повикот за настап во македонскиот дрес искажувајќи огромно задоволство што ќе биде на списокот на Милевски.

„Навистина сум возбуден. Не знам навистина што да очекувам, но ова е извонредна можност за мене да бидам дел од репрезентативен камп и да се обидам да се изборам за настап за Македонија во квалификациите за ЕП до 21 година кои стартуваат во септември“ – вели Божиновски, кој иако роден во Австралија е по потекло од Македонија.

„Моето цело семејно стебло е македонско, па откако од страна на стручниот штаб на младата репрезентација и Фудбалската федерација на Македонија видоа дека имам право за настап во репрезентативниот дрес ме повикаа и јас се согласив. Ова е голема чест за мене. Имам многу македонски пријатели и семејство тука, па сите сме возбудени“ – дополнува Божиновски.

Благоја Милевски младата репрезентација ќе ја собере на 26. мај, па по неколкудневни подготовки во Скопје, репрезентативниот камп ќе продолжи во Терме Чатеж каде и ќе биде одигран пријателскиот натпревар на 3. јуни. Ова е последен репрезентативен собир за младите пред септемврискиот старт на квалификациите за ЕП.

Се вчитува...