Михајлов: Некој да ни понудеше 20 бода пред почетокот, со задоволство ќе прифатевме

Во пресметката на новајлиите во Првата македонска фудбалска лига, Струга ТЛ и Борец ремизираа во Струга во последното есенско коло. Стратегот на Борец, Горазд Михајлов е задоволен од освоениот бод оценувајќи ја успешно и целокупната прва етапа во годинашниот шампионат.

„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар со Струга Трим Лум но успеавме да ја реализираме нашата цел. Сакам да им честитам на моите фудбалери кои успеаја да го скршат мразот и да освојат бод на гостински терен. Домаќините го диктираа темпото на игра, креираа повеќе можности и тие можат да бидат незадоволни од бодот“ – вели Михајлов.

Сумирајќи го есенскиот дел од сезоната во која Борец се врати во Првата македонска фудбалска лига, Михајлов нагласува:

„Борец после 20 години се врати во елитата, па некој да ми понудеше 20 бодови пред почетокот на сезоната со две раце ќе ги прифатев. Задоволни сме од полусезоната и со уште поголеми мотиви ќе продолжиме во пролетниот дел“.

Се вчитува...