Михајловски: Спасот на Вардар е блиску, играчите ќе останат, а Парондо…

Долгогодишниот претседател на Вардар, Михајло Михајловски, сега ја има улогата на иницијатор на движењето на спас на „црвено-црниот“ колектив по најавите за заминување на Сергеј Самсоненко од раководната функција во клубот. Тој е голем оптимист дека целата ситуација ќе се заврши на радост на вардаровите фанови, а откри и дека во текот на викендот се сретнат со Самсоненко и со ракометарите.

„Имав состанок со Сергеј Самсоненко и со играчите и на нив им го пренесов нашиот став – дека сакаме да останат сите оние кои немаат договор со други клубови. Лично ми е многу жал што Карачиќ ќе си оди бидејќи тој играше за Вардар уште додека јас бев претседател, но што е тука е. Допрва ќе се разговара, но можам да кажам дека спасот на Вардар е блиску, а желба на сите нас е клубот да го задржи истото ниво на кое е и сега“ – истакнува Михајловски за ЕКИПА.

Тој е иницијатор за создавање на значителен буџет на „црвено-црните“ за наредната сезона, но јасно става до знаење дека нема намера да биде активен член на управата.

Јас сето ова што го правам, го правам затоа што сум дел од Вардар децении наназад и сакам оваа приказна да успее. Мене функции не ме интересираат, ќе си останам почесен претседател како што сум и во моментов, а ќе бидам еден од оние кои ќе дадат помош за да се задржи европското реноме на клубот. Многумина покажаа интерес оваа иницијатива да успее, се надевам дека наскоро ќе имаме и дефинитивен успешен резултат, да потврдиме дека Вардар ќе продолжи со ист ритам да чекори во европскиот ракомет“ – вели Михајловски.

Дел од играчите би требало да останат, но се уште е неизвесен статусот на тренерот Роберто Гарсија Парондо, кој минатата седмица потпиша договор како селектор на Египет.

„На состанокот беше присутен и Парондо, кој слушаше што имаме да кажеме. Јас не кријам дека не ми се допадна што тој потпиша за селектор на Египет во периодот кога побаравме трпение. Сепак, има време, ќе разговараме… во моментов најважно е сите да останат максимално фокусирани на претстојниот фајналфор турнир во Келн“ – порачува Михајло Михајловски во разговорот за ЕКИПА.

Се вчитува...