Милан бара три засилувања за да остане на врвот на Калчо-лигата

Милан се уште е без пораз во Калчо-лигата, „росонерите“ имаат три бода предност во однос на второпласираниот Интер, но на сите им е јасно дека со овој играчки кадар тренерот Пиоли тешко дека ќе може да ја задржи извонредната серија резултати до самиот крај на сезоната. Токму поради ова, управата на клубот се активирала за да доведе три нови фудбалери кои би биле од огромна помош во битката за скудетото.

Неопходно е засилување на одбранбената линија, за што веќе се стартувани преговорите со Шалке за трансферот на Озан Кабак. Турскиот репрезентативец во текот на летниот преоден рок беше поврзуван и со Ливерпул и Арсенал, на крајот остана во Шалке, но по катастрофалниот старт на сезоната сега настојува да му биде дозволено да ги промени клупските бои. Шалке летово бараше 20 милиони евра, а останува да се види дали „росонерите“ ќе се согласат да платат толкава отштета во зимскиот преоден рок.

Папу Гомез е подготвен да си замине од Аталанта, а „росонерите“ веќе стапиле во контакт со неговиот агент за да го задржат Аргентинецот во Калчо-лигата. Со неговиот ангажман Милан би добил на инвентивност во средниот ред, а како опција се споменува позајмица на шест месеци со задолжителен откуп на крајот од сезоната.

Слична е ситуацијата и со третата желба на „росонерите“, англискиот репрезентативец Деле Али. Тотенхем дал зелено светло дека ќе го пушти Али на позајмица во клуб каде би имал посериозна минутажа. ПСЖ исто така покажува голем интерес, но конкуренцијата во тимот на „светците“ е огромна, а челниците на Милан се надеваат дека ќе го искористат тоа и ќе го доведат Англичанецот на „Сан Сиро“ ветувајќи му стандарден првотимски статус.

Се вчитува...