Милан на готовс – Фабрегас е подготвен за заминување од Челси

Маурицио Сари со своето доаѓање направи ремонт во средниот ред на Челси, па со ангажманот на Жоргињо и на Ковачиќ во тимот на„сините“ нема место за Цеск Фабрегас. Шпанскиот ас е без настап оваа сезона во Премиер-лигата, извесно време се мачеше со повреда, но и откако е здрав се уште не е дел од плановите на Сари.

Јасно е, Фабрегас сака да биде дел од клуб каде стандардно ќе игра, па откако му стана јасно дека тоа нема да биде во Челси тој веќе покренал иницијатива да му биде дозволено да си замине од „Стемфорд бриџ“. Шпанецот важи за миленик на Роман Абрамович, но и рускиот газда е свесен дека Фабрегас нема шанси да стане стандарден кај Сари, па му излегол во пресрет на барањето за трансфер. Договорот на Челси со овој фудбалер истекува на крајот од сезонава, па се очекува и отштетата да биде минимална.

Милан е клубот што во текот на летото покажа сериозен интерес за Фабрегас, „росонерите“ притиснати од финансискиот ферплеј не успеаја да го договорат овој трансфер, но сега се подготвени за нова офанзива, за која се убедени дека може да им обезбеди потпис на ова врвно засилување за средниот ред.

Се вчитува...