Милан нема пари за мегатрансфери, но Паоло Малдини има план за летниот преоден рок…

Милан со најновата казна изречена на Јувентус повторно е многу блиску до место во ЛШ, но ниту новите загарантирани милиони нема да ја променат трансфер-стратегијата на екс-првакот на Италија. Се очекува Милан да има севкупно максимум 100 милиони евра за трансфери, што не се премногу пари ако се знае дека тренерот Пиоли очекува ангажман на врвен играч за врска, како и на двајца нови напаѓачи кои би ги замениле Ибрахимовиќ, Ребиќ и Ориги, кои се наоѓаат на излезна врата од клубот.

Ставот на директорот Паоло Малдини е јасен – „росонерите“ нема да одат на мегатрансфер вреден над 50-60 милиони евра на еден фудбалер, туку ќе ангажираат неколку поевтини играчи. Кога станува збор за средниот ред, прва желба останува Сергеј Милинковиќ Савиќ, но само доколку Лацио се согласи на отштета не повисока од 40 милиони евра, бидејќи Србинот ќе влезе во последната година од договорот што го има со римскиот клуб.

Лоис Опенда од Ленс е сериозна опција за навалната линија, станува збор за брзоног напаѓач кој сезонава постигна 19 погодоци во францускиот шампионат и е достапен за отштета од околу 35 милиони евра. „Росонерите“ будно ја следат и ситуацијата на Камада од Ајнтрахт, за кого се во трка со челниците на Наполи. Јапонецот би пристигнал како слободен играч, а Милан планира да почне и разговори со Вест Хем за позајмица на Скамака, екс-фудбалерот на Сасуоло кој не се снајде најдобро во Премиер-лигата.

Преодниот рок допрва ќе започне, а навивачите на Милан секако имаат доверба во Паоло Малдини, кој веќе докажа дека и со лимитиран буџет може да создаде шампионски тим.

Се вчитува...