Милан остана без два бода, но и без двајца фудбалери

Милан со многу мака стигна до реми против Парма, благодарение на голот на Тео Хернандез постигнат во 90. минута. „Росонерите“ останаа без два од планираните три бода, но уште поголем проблем за тренерот Пиоли претставуваат повредите на двајца првотимци.

На самиот почеток од дуелот со Парма се повреди дефанзивецот Матео Габија. Тој и самиот е резервна опција и настапи само затоа што повреден беше Симон Кјаер, но во ситуација кога и тој се повреди Пиоли беше принуден на експеримент со 20-годишниот Пјер Калулу. Габија има проблем со коленото и ќе паузира најмалку еден месец, а во финишот од мечот се повреди и Бенасер, кој е исклучително важен играч во средниот ред на Милан. Станува збор за проблем со мускулот, по кој вообичаено паузата изнесува најмалку три седмици, што значи дека Бенасер ќе пропушти неколку важни натпревари на својот тим.

„Росонерите“ до крајот на годинава треба да гостуваат на Џенова и на Сасуоло и на домашен терен да го пречекаат Лацио. За 6 јануари е закажано големото дерби меѓу Милан и Јувентус, дуел за кој на „росонерите“ ќе им бидат неопходни сите расположливи сили за да се обидат да го земат скалпот на шампионот.

Се вчитува...