Милев: Преку мечевите во Европската Златна лига темпирање на формата за квалификациите за ЕП

Во мирна и работна атмосфера, течат подготовките на машката одбојкарска репрезентација во Струмица. Селекторот Јошко Миленкоски и стручниот штаб без проблеми ја реализираат предвидената програма за оваа фаза од темпирањето на формата за учеството во Европската Златна лига 2025.

Како играч со најдолг репрезентативен стаж и најголемо искуство, Владо Милев ќе биде еден од репрезентативците, кој ќе понесе голем товар, не само во претстојните натпревари од Европската лига, туку и за евро-квалификациите во август. Тој е свесен за предизвикот кој ги очекува и размислува позитивно.

„Имаме спој на младост и искуство и преку Европската Златна лига треба да ја темпираме формата за квалификациите за ЕП во август. Тука сме да одиграме квалитетни натпревари, да се надигруваме и да оствариме и некаков резултат. Имаме доволно време и простор, и услови да се подготвиме што е можно подобро и оваа година да имаме успешен настап во Европската лига, да направиме и чекор погоре, ако е можно, и што поподготвени да ги дочекаме евро-квалификациите. Доколку имаме можност зошто да не размислуваме и за Ф4 во Златната лига, но да одиме чекор по чекор“ – заклучува еден од предводниците на нашата репрезентација, Владо Милев.

Македонските репрезентативци првата фаза од подготовките за Европската Златна лига 2025 ќе ја одработат во Струмица, а потоа патуваат за Марибор, каде на 24 и 25 мај играат пријателски двомеч со Хрватска.

Се вчитува...