Милевски: Мораме повеќе да ги цениме своите млади играчи

Боби Милевски денеска и официјално беше промовиран како нов селектор на младинската репрезентација на Македонија. Стратегот што го оствари најголемиот успех во македонскиот репрезентативен фудбал повторно го презеде кормилото на селекцијата за играчи до 21 година. Сепак, Милевски не го крие разочарувањето од третманот што младите фудбалери го имаатво македонските клубови.

Гледам ситуација што ме разочарува, странци што не се ништо подобри од нашите млади фудбалери добиваат повеќе шанса за докажување во македонските клубови. Тоа е доволен доказ дека не ги цениме доволно своите млади играчи, затоа и реагирам и ќе испратам и конкретен предлог до ФФМ. Мое мислење е дека треба да се промени правилото за настап на фудбалер до 21 година, така што тој млад играч мора да игра минимум едно полувреме, а не како што сме сведоци сега – да се менува голман уште од првата минута“ – истакна Милевски.

Селекторот е оптимист дека и со оваа генерација може да стигне до едно младинско Европско Првенство, особено по зголемување на бројот на учесници, на 16 репрезентации.

„Целта пред мене е пласман на европското првенство. Не треба да се создава притисок врз играчите дека тоа мора да се оствари, но доколку ни се укаже шанса да ја искористиме. Комплексот на пониска вредност е зад нас, без оглед на последните неуспешни квалификации верувам дека сега ќе играме многу поквалитетно и ќе бележиме далеку подобри резултати“ – вели Боби Милевски.

фото: ffm.mk

Се вчитува...