Милевски не го менува тимот што победува во У21 селекцијата

Селекторот на македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, Боби Милевски, го објави списокот на фудбалери за претстојните квалификациски натпревари против Црна Гора и Казахстан. Во таборот на младинската репрезентација владее оптимизам по убедливата победа од 7-1 на премиерниот дуел со Фарските острови, но јасно е дека вистинските предизвици за нашите млади фудбалери допрва следат.

Милевски се реши и за следниот двомеч да ги повика истите фудбалери кои беа во комбинација за премиерниот дуел со Фарски острови, а единствено дополнување е повикот до Марко Ѓоргиевски од Вождовац, кој ќе дебитрира за националниот тим.

“После овие два натпревари со Црна Гора и Казахстан ќе имаме многу појасна слика и за нашите шанси и можности во квалификациската група. Нашата цел е да бидеме конкурентни и да се надеваме на пласман на ЕП. Но, одиме натпревар по натпревар, размислуваме сега за Црна Гора, а потоа и за Казахстан. Се надевам дека сите повикани фудбалери ќе пристигнат здрави и подготвени за настап“ – изјави селекторот Милевски.

Првиот собир е закажан за 7 октомври, три дена подоцна Македонија ќе гостува на Црна Гора, по што на 15 октомври ќе следи и домашниот натпревар против Казахстан.

„Црвено-жолтите“ досега одиграа само еден меч во овој квалификациски циклус, труимфирајќи над Фарски острови со 7-1. Казахстан има две победи на првите четири средби во групата, додека Црногорците досега одиграа три натпревари, притоа бележејќи само една победа, од 3-0 над селекцијата на Фарски Острови.

Се вчитува...