Милевски: Не смее да има потценување на Фарски острови

Младата репрезентација на Македонија ги почна подготовките за првиот квалификациски натпревар од циклусот за пласман на ЕП 2021 кој против Фарските острови го играме на 10. септември во Скопје.

Селекторот Благоја Милевски на почетокот од подготовките потенцира дека не смее да има ниту најмало потценување на противникот, затоа што се работи за цврста селекција која негува скандинавски фудбал и може да биде многу опасна.

„Добро е познато дека во модерниот фудбал не постојат аутсајдери. Не смее да има ниту најмало потценување на Фарските острови, селекција која е навистина одлична група фудбалери во која има добар број интернационалци. Играат цврст, агресивен фудбал, поради што ќе мора да одиграме максимално ако сакаме триумф. Се разбира добро ќе се подготвиме за дуелот и размислуваме само на победа“ – вели Милевски, кој е задоволен од формата на интернационалците во македонската селекција.

„Иако имаме проблем со домашните фудбалери кои воопшто немаат соодветна минутажа во македонскиот шампионат, може да бидам задоволен од формата на интернационалците. Во секој случај, сигурен сум дека секој поединец на теренот ќе го даде максимумот за да дојдеме до посакуваните три бода против Фарските острови“.

Во квалификациската група, покрај Фарските острови, се и репрезентациите на Шпанија, Казахстан, Црна Гора и Израел.

Се вчитува...