Милевски: Ова е најдоброто во моментов, иако не сум задоволен од минутажата и формата на домашните фудбалери

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски вели дека на списокот за првиот квалификациски натпревар против Фарските острови кој не очекува на 10. септември го има во моментов најдоброто. Иако не може да биде задоволен од минутажата и формата на фудбалерите кои настапуваат во домашниот шампионат.

„Од 25 повикани фудбалери, тука се 17 кои покажаа на дуелот против Финска во Словачка дека имаат квалитет за националниот тим. За жал, поради операции, ќе недостасуваат Фазлагиќ и Миловановиќ, но се надевам дека брзо ќе се вратат на терените“ – истакна Милевски на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Мора да кажам дека не сум задоволен од домашните играчи кои немаат соодветна минутажа, ниту пак формата е на неопходното ниво. Но, мора  да се соочиме со тоа. Факт е дека ова е најдоброто што го имаме, има потенцијал и квалитет во овие фудбалери и сигурен сум дека тоа ќе го потврдат на терен“.

Според Милевски не треба воопшто да се потценува селекцијата на Фарските острови…

„Мора максимално да се подготвиме затоа што Фарските острови не се наивна селекција. Напротив, играат цврст, скандинавски фудбал и знаат да бидат изненадување за многу поквалитетни репрезентации. Што се однесува до нашата група, факт е дека Шпанија се издвојува а останатите селекции мислам дека рамноправно ќе се борат за втората позиција. Со новиот формат, првопласираните и најдобрата втора селекција ќе одат директно на ЕП, а останатите ќе играат бараж. Ако ги имаме сите фудбалери на располагање и ако сме во форма, можеме да останеме во конкуренција и да се бориме за место во бараж“ – истакна Милевски.

Се вчитува...