Минамино потпиша: Ливерпул е гигант, чест е да се игра за овој клуб

Такуми Минамино и официјално го потпиша договорот со Ливерпул, откако „црвените“ ја активираа клаузулата во неговиот договор со Салцбург, ангажирајќи го одличниот јапонски фудбалер за сума од скромни девет милиони евра. За услугите на Минамино се интересираа и Манчестер Јунајтед, Милан и Борусија Дортмунд, но раководството на Ливерпул успешно ги финишираше преговорите, Јапонецот вчера ги мина лекарските прегледи, по што денеска и официјално го потпиша договорот.

„Ливерпул е гигант, чест е да се игра за овој клуб. Јас отсекогаш сонував еден ден да го облечам дресот на Ливерпул, сега тој сон стана реалност“ – изјави Минамино по потписот на договорот.

Станува збор за универзален офанзивен фудбалер, кој може да настапува по крилните позиции, но и како најистурен во навалната линија. Тој и официјално ќе се пресели во Ливерпул на 1 јануари, а дебито за новиот клуб може да го има четири дена подоцна, на дуелот од ФА Купот против градскиот ривал Евертон.

Такуми Минамино настапи на 199 натпревари за Салцбург, постигнувајќи 64 погодоци, еден од нив на овосезонското гостување против Ливерпул во рамките од Лигата на шампионите.

Се вчитува...