Миовски: Не мрдам од Абердин, од дете сонував да играм европски купови, сега тоа ми се оствари

Бојан Миовски одлично ја стартуваше новата сезона во дресот на Абердин, веќе постигнувајќи и два погодоци за својот клуб по оние 18 во дебитантската сезона во шкотската Премиер-лига.

Македонскиот голгетер стрелаше против шампионот Селтик, потоа беше прецизен и во лига-купот на Шкотска против Стирлинг Албион, доволна причина неговото име повторно да се споменува во листите со желби на неколку клубови ширум Европа.

„Нормално е, кога си напаѓач и играш добро и постигнуваш голови, клубови ќе те следат и ќе те акаат во своите редови. Сепак, за мене нема дилема, имам уште три години од договорот со Абердин и не размислувам за ништо друго. Секој сака да напредува, ќе видиме што носи иднината, но во моментов мојот докус е само на Абердин“, изјави Миовски за шкотските медиуми.

Мотив плус за македонскиот репрезентативец ќе биде и учеството на клубот во европските натпреварувања, ако се знае дека Абердин в четврток се среќава со шведски Хакен во плејофот за место во Лигата на Европа. Дури и неуспех во овој двомеч ќе значи учество на Миовски и соиграчите во европските натпреварувања, бидејќи поразените од овие пресметки ќе се селат во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА.

„За мене ова е прв пат да играм во Европа, од мал сонував за такво нешто, но кога доаѓав во Абердин една од зацртаните цели беше да заиграме во европските натпреварувања. Завршивме одлична работа ланската сезона, да обезбедиме европски фудбал во групната фаза од едно натпреварување, сите сме мотивирани за предизвиците што се пред нас“, оптимистички е расположен Бојан Миовски.

Се вчитува...