Мираковски: Победата над соколи е доказ дека можеме со секого

Работнички направи огромен чекор напред кон плејофот во македонското првенство откако синоќа славеше на градското дерби со Карпош соколи. Со оваа победа избраниците на Марин Докузовски му се реваншираа на градскиот ривал за поразите во Купот на Македонија и во првото коло од Супер-лигата, па сега со зголемена самодоверба ќе влезат во преостанатите четири кола од ова натпреварување.

Ова е голема победа за нас, доказ дека можеме да се носиме со секого и да го победиме секој ривал, со оглед на фактот дека Карпош соколи е еден од најквалитетните тимови во македонското првенство. На претходните две средби против нив не бевме комплетни, во Купот во Кавадарци го немавме Владо Илиевски, а во Супер-лигата повреден беше Чековски, но и без нивна помош три четвртини добро им париравме. Знаевме дека комплетни можеме да се носиме со нив, еве покажавме и дека можеме и да ги победиме“ – изјави Димитар Мираковски.

Токму искусниот плејмејкер беше човекот на одлука на ова дерби, постигнувајќи две тројки во последните две минути, вклучувајќи ја и онаа на триесет секунди до крајот со која Работнички стигна до недостижни „плус шест“.

Имавме негатива од пет поени, а по тајмаутот што го зеде Докузовски заигравме многу подобра одбрана, затворајќи ги приодите кон сопствениот кош. Што се однесува до нашите напади, воопшто не беше случајно тоа што јас останав сам. Договорот беше да играме на Чековски, за кого знаевме дека ќе биде удвоен, по што јас или Тасовски требаше да останеме осамени во еден од аглите на теренот. Се случи тоа да бидам јас, погодив кога беше најважно и секако дека чувството е одлично“ – вели Мираковски.

Со овој триумф Работнички е рамо до рамо со Карпош соколи на делба на второто место, а пласманот во полуфиналето од плејофот е речиси осигуран.

Не сакаме да гледаме предалеку, сигурно ќе се обидеме да ја завршиме сезонава на што подобро место на табелата во пресрет на плејофот, но одиме натпревар по натпревар, почнувајќи од следниот дуел во Куманово“ – истакнува организаторот на играта на Работнички.

Се вчитува...