Миркуловски: Овој меч за Швајцарија е „да се биде или не“, но и ние сакаме да победиме

Македонските ракометари продолжуваат со тренинзите во завршницата од квалификациите за ЕП 2022. Пласманот на европскиот шампионат е обезбеден, Македонија ќе го освои најмалку второто место во групата, но „црвено-жолтите“ делуваат максимално мотивирано за триумф и во последното коло, в недела на домашен терен против Швајцарија.

Македонија во овие квалификации еднаш веќе ги совлада Швајцарците на гостински терен, а сегаа ќе се обиде истото да го повтори и во СЦ „Јане Сандански“, в недела со почеток во 18 часот.

„Ние сме тука вкупно 23 играчи, што е доволно за да одиграме два квалитетни натпревари. Против Финска се мачевме, промашивме неколку пенали, шутеви од чисти позици, но најважно е што победивме што одлично влијаеше врз нас од психолошки аспект. Сега пред нас е Швајцарија, тој меч е „да се биде или не за нив“, но ние влегуваме со свои сметки, сакаме да додадеме уште два бода на контото, да имаме освоени 10 бода во едни вакви европски квалификации“, изјави Филип Миркуловски.

Искусниот бек се наврати и на дуелот со Финска, на кој противничкиот голман со дваесет интервенции беше најдобар поединец на мечот. Миркуловски ја издвои добрата игра во одбрана на Македонија како клучен на победата, потенцирајќи дека слично издание ќе биде неопходно и в недела против Швајцарија.

„Фрустрирачки беа сите оние промашувања, пет-шест нереализирани пенали и десетина промашени зицери. Сепак, радува што покажавме искуство, не дозволивме да не фати паника, заигравме одлично во одбраната, тоа треба да биде наш заштитен знак, секогаш да играме како во второто полувреме во дефанзивата против Финска. Тоа треба да биде наш главен квалитет и против Швајцарија, знаеме колку се опасни нивните бекови, пред се Анди Шмид. Тие се одлично подготвени на офанзивен план, но ако ние си ја завршиме работата во одбраната ќе се радуваме на победата“, оптимист е Филип Миркуловски

Се вчитува...