Мохамед Салах и Ливерпул минатото лето ја одбија богатата понуда од Саудиска Арабија за најдобриот фудбалер на „црвените“, но со тоа само ги натераа богатите шеици да подготват нова офанзива, за по завршувањето на сезонава да го доведат египетскиот голгетер како нова суперѕвезда во својот фудбалски проект.
Парите нема да бидат проблем, а според британскиот весник „Мирор“ подготвена е понуда што Ливерпул нема да може да ја одбие. Од Саудиска Арабија се подготвени да платат неверојатни 250 милиони евра за да го осигураат потписот на Салах, што ќе претставува нов светски рекорд за најскап фудбалски трансфер уривајќи го оној на Нејмар од Барселона во ПСЖ вреден 222 милиони евра.
Самиот Салах засега молчи на оваа тема, но Ливерпул ќе се најде во тешка ситуација, ако се знае дека неговиот договор истекува во 2025 година, па ако „црвените“ ја одбијат оваа мегапонуда би ризикувале Египќанецот следното лето да си замине од „Енфилд“ без никаква отштета. Извори од клубот велат дека Салах ќе тргне по стапките на Клоп и ќе го напушти Ливерпул, но парите што можат да се заработат од неговата продажба се одлични за „нов почеток на Енфилд“ и ќе му бидат дадени на новиот тренер за да го засили играчкиот кадар за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА