Мирза Телетовиќ се враќа на терените – ќе игра во босански второлигаш

Легендарниот Мирза Телетовиќ кој во моментот е претседател на кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина, по три годишна пауза, во новата сезона ќе се врати на паркетите и ќе го облече дресот на Турбина Јабланица, тимот каде ги започна своите кошаркарски чекори, а во моментот се натпреварува во Втората босанска лига.

Целта на Телетовиќ е да му помогне на клубот од родниот крај да се пласира во Првата лига, но и да им биде ментор на младите кошаркари.

„Осумнаесет години поминав играјќи надвор од БиХ, но во ниеден момент не заборавив дека првите кошаркарски чекори ги направив во Турина. Мојата желба е тој круг да го завршам повторно во Турбина, бидејќи тоа е мојот клубот и тоа се луѓето кои ги сакам и ги ценам. Мојот син тренира тука исто како и моите пријатели“, вели Телетовиќ кој потоа додаде.

„Имам лична сатисфакција да играм за Турбина и да му помогнам на клубот колку што можам. Одиме чекор по чекор, за сега е извесно дека ќе играм оваа сезона, а за следната ќе видиме. Јас ќе бидам тука само кога ќе треба да помогнам, а главниот терет на натпреварите ќе падна не младите играчи. Тука сум повеќе како ментор и да давам совети“.

Откако ги помина младинските категории на Турбина, Телетовиќ својата сениорска кариера ја започна во Слобода Тузла. Потоа следеше трансфер во Остенде, а откако шест години го носеше дресот на Басконија, во 2012 година замина во НБА лигата каде ги бранеше боите на Бруклин, Феникс и Милвоки пред да стави крај на богатата кариера поради хронични проблеми.

Се вчитува...