Митев: Гордост е да се игра за Македонија, знаевме дека можеме до „плус осум“

Марко Митев одигра уште еден извонреден меч во репрезентативниот дрес, давајќи огромен придонес во синоќешниот триумф од осум гола разлика што значеше и пласман на Македонија на СП 2025.

Младиот бек на Алкалоид имаше поголема минутажа од вообичаено поради скратената ротација од страна на селекторот во однос на претходните средби, но Митев извонредно ги издржа сите напори, имаше и неколку одлични реакции во одбраната, а со шест гола од осум обиди беше трет стрелец во нашата репрезентација.

„Неизмерно сме среќни. Загубивме убедливо, но знаевме дека можеме да играме многу подобро од она што го покажавме на нивните терен. Гордост е да се игра за Македонија, пред оваа публика и среќни сме што сега сите заедно можеме да се радуваме. Знаевме дека можеме до плус осум, дека онаа негатива не е недостижна, но дека ќе мораме да одиграме максимално од првата до последната минута. Исполнивме се што ни беше дадено како задача, одигравме меч без осцилации и заслужено се пласиравме на ново Светско првенство“, изјави Марко Митев.

Се вчитува...