Младите „металци“ за малку до сензација против Еуро Никел (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Еуро Никел многу потешко од очекувањата стигна до триумф на отворањето од новата кошаркарска сезина, славејќи на гостувањето против МЗТ Скопје 2 со 75-79. Младите „штркови“ лани ги загубија сите прволигашки натпревари, но летово беа направени сериозни промени во играчкиот кадар, доведени беа и американски засилувања, по што избраниците на Боро Даскаловски за малку уште во првиот меч ќе приредеа огромно изненадување.

Кошаркарите на МЗТ Скопје 2 одиграа на високо ниво, но немаа сили да го задржат темпото до самиот крај, во последната четвртина загубија со 10-19, што беше пресудно за да го загубат овој меч.  Младите „штркови“ последен пат водеа по поените на Димитровски за 69-67 во 34. минута. Гостите одговорија со пет поени во низа на искусниот Мијатовиќ, ја презедоа контролата над резултатот и на крајот со слободните фрлања на Соколов во самиот финиш стигнаа до тешко извојувана победа.

Мијатовиќ со 23 и Соколов со 18 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на МЗТ 2 при овој пораз беа Тодоровски со 18 и Изабел со 17 постигнати поени.

Се вчитува...