Младите „соколи“ летаа 15 минути над Гостивар, па загубија здив

Гостивар стигна до планирани бодови против подмладениот состав на Карпош соколи (111-83), иако тимот на Марјан Србиновски се соочи со неочекувани проблеми во првите петнаесетина минути од средбата.

Преголемата самоувереност на стартот на тренерот на Гостивар и неговите избраници им овозможи на младите „соколи“ да полетаат високо, па да го контролираат резултатот цела прва четвртина и овој период да го завршат со водство од 22-26. Во овие десет минути фантастично одигра Атанасов, кој постигна 15 поени без ниту едно промашување од поле. Гостите од Скопје се држеа до средината од втората четвртина, кога по нивното водство од 26-34 домаќините заиграа поагресивно во одбраната и набрзина го свртеа резултатот во своја полза, правејќи серија од 22-3 во преостанатите пет минути од полувремето и заминувајќи на одмор со 48-37.

„Соколите“ допатуваа во Гостивар со само осум кошаркари, од кои на теренот влегоа само шест, па јасно е зошто овој млад тим немаше сили да го издржи темпото, па на крајот го загуби мечот со убедливи 111-83.

Тасовски со 27 поени беше најефикасен кај Гостивар, пред Тодоровиќ со 21, додека најдобри стрелци кај Карпош соколи беа Атанасов со 28 и Богданоски со 20 поени.

Се вчитува...