Моќна Македонија: Ракометарките ја декласираа Србија

Женската ракометна репрезентација на Македонија лесно и убедливо славеше над Србија со резултат 29-21, во својот прв меч од „Трофеј Македонија“ што се одржува во Охрид. Селекторското деби на Игор Марковиќ  мина беспрекорно, црногорскиот стратег имаше можност да ги види на дело ракометарките кои се прикажаа во одлично светло, доминиирајќи во однос на противникот и заслужено стигнувајќи до победата.

Мечот го отворивме со гол од пенал на Сара Ристовска, а веќе по 10 минути игра имавме предност од 5-2. Голманката Петковска одбрани пенал при 6-3, нашата игра уште повеќе доби на самодоверба. Меѓу стрелците се запишаа и Арсениевска, Младеновска, Сара Ристовска, Гакидова.. а по погодокот на Ива Младеновска за 12-6 српската селекторка побара тајмаут. Доминацијата на Македонија продолжи, предноста се зголемуваше од минута во минута, па со двата нови гола на Емилијана Ризоска на одмор заминавме со преубедливи 17-9.

Србија заигра подобро во вториот дел, но Македонија одговори на идентичен начин и преку Арсениевска ја одржавме предноста од плус осум (21-13). За момент загубивме концентрација и противничките намалија на 22-16, резултат при кој не реализиравме пенал, но ја прекинавме серијата на противникот преку Гакидова од пивот. Селекторот Марковиќ побара тајмаут при 23-17, а веќе во првата акција реализиравме преку Ива Младеновска.

фото: Ракометна Федерација на Македонија

Проблем се случи во 48. минута, кога повреда заработи Ивана Арсениевска, која играше одлично до тој момент постигнувајќи три погодоци. Тоа не остави трага врз нашата игра, па во последните десет минути влеговме со предност од осум гола (26-18). Рутински го исконтролиравме резултатот до самиот крај, селекторот Марковиќ во завршницата го изротира целосно тимот, но убедливата предност беше задржана до конечните 29-21.

Сара Ристовска беше најефикасна во нашиот табор со осум гола, пет постигна Ангела Јанкуловска, а по четири погодоци реализираа Младеновска и Ризоска.

Во рамките од второто коло нашата национална селекција утре со почеток во 17.30 ќе се сретнеме со Црна Гора, која денеска ремизираше на отворањето со Хрватска (20-20).

Се вчитува...