Мората се налути на Атлетико: Очигледно е дека не сум им потребен…

Алваро Мората е подготвен да си замине од Атлетико Мадрид откако голгетерот јавно го искажа незадоволството од некомуникацијата со својот клуб. Искусниот напаѓач има уште една година од договорот, но според последните изјави тој е подготвен летово да си замине од „Ванда Метрополитано“.

„Од медиумите читам дека Атлетико сака да потпише нови напаѓачи, се преговара со осум различни фудбалери. Ќе бидам јасен: се чини дека јас не сум приоритет на клубот. А јас не сум таков човек, да можам да останам, да не играм, да не бидам приоритет. Во октомври ќе наполнат 32 години, имам уште за играње, ако не во Атлетико тогаш сигурно на некое друго место“, изјави Мората за „Ел Ларгуеро“.

Тој има неколку понуди од клубови од Шпанија, но искусниот голгетер најави дека најверојатно повторно ќе се пресели во странство, откако претходно имаше успешни авантури во италијански Јувентус и во Челси во англиската Премиер-лига.

„Најлесно ќе биде да си заминам од Шпанија и да играм во странство. Дури ни моите деца не ги разбираат критиките кои ги добивам играјќи во Ла Лига. Сакам да биде јасно, јас немам апсолутно никаков проблем со тренерот Симеоне. За жал, не знам дали сум дел од неговите планови, од плановите на клубот“, објасни Алваро Мората.

Се вчитува...