Можат ли „соколи“ да го прелетаат „Градски парк“?

Карпош соколи по освојувањето на Купот на Македонија важеше за сериозен фаворит и во домашното првенство, но АБА-лигашот се соочи со резултатска криза, па падна на третото место и ќе ја нема предноста на домашниот терен во полуфиналната серија против Работнички. Избраниците на Марин Докузовски пред неполн месец славеа над „соколите“ со 79-74, Работнички беше без пораз на домашен терен во текот на Супер-лигата, но на избраниците на Марин Докузовски им е јасно дека најтешките предизвици допрва претстојат.

Денес ми е прво полуфинале и ми е огромна чест што играм со тим како што е Работнички. Во последен момент нè спаси поен да имаме предност на домашен терен. Тоа многу ни значи, на целиот тим, да се игра пред наша публика и наши навивачи бидејќи без нив и нивна поддршка не би постигнале успех затоа што не е исто да се игра на наш терен или на туѓ. Многу сум задоволен, а и целиот тим на чело со нашиот тренер Марин Докузовски за успехот што го постигнавме до тука. Што се однесува лично за мене последниот период бев ангажиран и за помладиот тим каде што таму играме финале поради тоа имав помала минутажа, но мое е да играм колку ќе ми даде тренерот“ – истакна Виктор Ефремовски.

Тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ, е оптимист дека неговиот тим ќе успее да најде начин да слави над градскиот ривал, со што би направил голем чекор напред кон финалето.

Желбата на сите нас во Карпош Соколи е по настапот во АБА-лигата и освојувањето на пехарот во Купот на Македонија да дојдеме до уште едно историско остварување, а тоа за почеток е пласман во финалето од плејофот каде што клубот досега не бил ниту еднаш. Тоа во моментов е нашата главна цел. Знаеме против кого играме во полуфиналето, многу добро се познаваме со Работнички и не верувам дека е можно било какво изненадување од било која страна. Ова се дуели во кои не е важна досегашната статистика или претходните меѓусебни дуели, туку најважна е психофизичката подготвеност како и моменталната инспирираност. Екипата што ќе биде помалку исцрпена од долгата сезона дефинитивно ќе има поголеми шанси за успех во серијата. Изминативе денови напорно трениравме, со цел да ги подобриме работите како на тактички така и на енергетски план. Ќе се обидеме да ја вратиме цврстата одбрана, која беше наш заштитен знак во АБА-лигата, а воедно да го задрживме одличниот напад кој нѐ направи најефикасна екипа во Супер-лигата сезонава“ – изјавува Николиќ во пресрет на стартот од оваа плејоф серија.

Се вчитува...