Може ли кошарката да доживее комплетна револуција, за да нема здодевни завршници?

Во Америка, колевката на кошарката, започна примената на ново правило, кое би можело да донесе вистинска револуција во овој спорт. Идејата е да се избегнат здодевните завршници и да се укине часовникот. Нема да се игра до 40., односно до 48.минута, туку до одреден резултат.

Оваа идека потекнува од Ник Илам, професор на Бол стејт универзитетот, на кого му здодеале долгите кошаркарски завршници со изведување слободни фрлања. Уште од 2007 година дошол на идеја да укине сметањето на времето во финишот на натпреварите, за тимовите да престанат да одолговлекуваат со играта кога водат и ја имаат топката, односно да да престанат да го фаулираат противникот ако имаат резултатско заостанување.

Илам својата идеја ја ставил на хартија, ја испратил до надлежните, а потоа и добил одговор.

Идејата е следна. Кога ќе се влезе во последните четири минути од колеџ – натпревар, односно, три последни минути од НБА меч, и дојде до првиот прекин (поради кош, фаул, излегување на топката надвор од теренот), времето не само што ќе се сопре, туку и ќе се укине неговото мерење. Од тој момент, на семафорот ќе се прикажува само резултатот до кој ќе се игра натпреварот.

И тоа не е некоја произволна бројка, и нема да биде исто за секој натпревар. Според планот на Илам, во прашање е број кој ќе биде за седум поени поголем од бројот на поените што во моментот на укинување на времето го има тимот што води. Ако резултатот, да речеме бил 90-85, ќе се игра до 97.

На тимот кој води му се потребни седум поени до триумф, а исто така и екипата која губи има шанса да победи ако побрзо постигне 12 поени. Кој прв ќе стигне до зададениот резултат, ќе биде победник.

Можно ли е оваа идеја, која веќе се тестира во Соединетите Американски Држави, во иднина да направи вистинска револуција во кошарката?

 

Се вчитува...