Можен ли е пресврт: Јунајтед го „краде“ Кристијано Роналдо пред носот на градскиот ривал

Манчестер Јунајтед е на добар пат да го претрка големиот ривал Манчестер Сити и да го доведе Кристијано Роналдо како мега-засилување во овој преоден рок. Португалецот веќе се збогуваше со соиграчите од Јувентус, но се уште не е сигурно дека кариерата ќе ја продолжи во Манчестер Сити, откако неговиот поранешен клуб Манчестер Јунајтед сериозно се вклучил во трката за овој трансфер.

Иако Солскјер и челниците на МанЈу не биле премногу заинтересирани пред околу еден месец, сега ситуацијата е сосема поинаква, особено откако Сити тргна во офанзива за да ја доведе клупската легенда на Јунајтед. Според последните информации, челниците на клубот се во сериозни преговори со агентот на Кристијано, Жорге Мендеш, а воедно без проблем би ја платиле и сумата од 30 милиони евра до Јувентус, за која Сити долго тактизираше во преговорите.

Вратата за трансфер на Роналдо денеска ја отвори и стратегот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.

„Кристијано е легенда на овој клуб, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Имаме играно заедно, тој знае какво мислење имам јас за него. Не верувавме дека ќе си замине од Јувентус, но сега кога тоа е извесно, да видиме што ќе се случи. Знам дека и Бруно Фернандеш разговара со него“, истакна Солскјер.

Се вчитува...