Му дојде на пенал – Борко за Лино: Хрватска има се освен селектор!

Во хрватските медиуми предизвика голем интерес изјавата на македонскиот голман Борко Ристовски дека хрватскиот селектор Лино Червар кој лани ја предводеше Македонија, е прегазен од времето. Во ситуација кога хрватската репрезентација на ова ЕП на кое се домаќини игра далеку под очекувањата, изјавата на македонскиот голман сдополнително ја разбранува хрватската јавност која е критички насочена кон Червар по поразот од Норвешка и неубедливото издание против Белорусија во првиот натпревар од втората фаза.

„Сега сите се чудат како јас сум рекол дека Лино Червар го прегази времето, а всушност времето одамна го прегази, уште пред десет години, и тоа го знаат сите што се во ракометот“ – вели голманот на македонската репрезентација, Борко Ристовски во мега-интервјуто за хрватскиот весник „24сата“.

Со забелешка дека и многумина во Хрватска го делат истото мислење, но ретко кој се осудува да го каже тоа јавно, хрватскиот медиум посочува дека Ристовски го нема тој проблем.

„Лино веќе долго живее во минатото, не го следи развојот на модерниопт ракомет, и тоа е главен проблем за вашата репрезентација. Човекот на располагање има една од најдобрите репрезентации, врвни играчи од ред до ред, услови какви што нема никој, има и извонредна поддршка од трибините, а прашање е дали ќе се пласирате во полуфиналето, бидејќи она што го одигра Хрватска во групата, далеку е од вистинскиот ракомет. Тоа е ракомет каков што се играше пред десет години“ – вели Ристовски.

Македонскиот голман и хрватскиот тренер не беа на иста бранова должина уште на почетокот кога Лино Червар дојде во Металург, а Борко Ристовски набфрзо си замина од тимот од Автокоманда во Вардар.

Брзо сфатив дека тоа е тренер што воопшто нема спортски амбиции, неговите амбиции се самопромоција и пари. Зошто никој никогаш не се запрашал како тоа Лино никогаш не отишол да работи во некој голем клуб, туку ужива во „ладот“ во Македонија, каде за големи пари работи практично без никаков притисок. Што и да направи тоа е голем успех…“ – вели Борко Ристовски.

Лино Червар беше селектор на Македонија неполна година пред да се пресели на клупата на Хрватска. Лани го избриша голманот на Барселона од македонската репрезентација категоризирајќи го како „емоционално испразнет“, пред СП 2017 во Франција на кое  потоа Македонија заврши на 15.место што е најслабиот пласман на макеоднската репрезентација на светските првенства. Една година подоцна, Македонија како непоразена оди во вториот круг на ЕП во Хрватска со реални шанси за европско полуфинале.

Ристовски вели дека разликата е на клупата и прави споредба на Лино Червар со Раул Гонзалес.

„Знаете ли колкава е разликата меѓу него и сегашниот селектор на Македонија, Раул Гонзалес? Огромна.Со Лино на полседното СП бевме 15., а сега ја минавме групата и со три бода сме на чекор до полуфинале. Лино само гледаше како че „купи“ уште година-две на клупата до пензија, а тогаш , за среќа на македонскиот ракомет, го повика Хрватска“ – им појасни Борко на Хрватите.

И му возврати на хрватскиот селектор без влакно на јазикот.

„Тој денес е емоционално исцрпен и нестабилен човек кој снимасмешни реклами. Тоа е тој, тоа е Лино, политичар, а не спортист, човек кој секогаш е подготвен да ги маѓепса масите со големи зборови, но кога ќе го прашаш нешто конкретно и стручно за ракомет, тој се губи, раскажува нешто општо, користи научни фрази и шета покрај теренот со кренати раце… Тој добро ја пакува таа своја приказна и им ја продава на луѓето, но ние кои сме во ракометот добро знаеме колку е тој „ракометно лесен“… Имате се освен селектор“ – им порача „министерот за одбрана“ на Хрватите.

Целото интервју на Борко Ристовски за „24сата“ може да го прочитате на следниот линк.

Се вчитува...