Новиот селектор ќе биде професионалец, нема да работи во клуб

Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, најави дека негова желба е новиот селектор на сениорската репрезентација да нема клупски ангажман, за да може целосно да се фокусира на случувањата во мак-ракометот.

„Она што е моја желба во преговорите за нов селектор е тој да биде професионалец, односно да се фокусира само на репрезентацијата. Со тоа ќе имаме поголем фокус на сето она што се случува во мак-ракометот“ – истакна Мукаетов.

Последните двајца селектори на Македонија, Лино Червар и Раул Гонзалес, дојдоа на клупата на „црвено-жолтите“ истовремено имајќи и клупски ангажман. Именувањето на наследник на Раул Гонзалес се очекува до крајот на овој месец, а следниот предизвик на македонската репрезентација се квалификациските натпревари за ЕП 2020 против Исланд, закажани за април.

Се вчитува...