Мурињо има четири желби, три од нив се достапни во јануари

Жозе Мурињо од денеска ќе се фати за работа во својот нов клуб, а паралелно со барање излез од резултатската криза португалскиот стратег ќе ги планира и засилувањата за наредниот преоден рок. „Специјалниот“ добил ветување од раководството на Тотенхем за буџет за нови фудбалери во јануарскиот преоден рок, а на листата со желби на Мурињо се наоѓаат четири играчи кои би ја кренале играта на „спарси“ на едно повисоко ниво.

Двајца од нив се поранешни фудбалери на Мурињо, и тоа Златан Ибрахимовиќ и Немања Матиќ. Ибракадабра е слободен играч по истекот на договорот со ЛА Галакси, веќе има добиено неколку понуди од Италија, но Португалецот е оптимист дека ќе успее да го убеди да му се приклучи во Тотенхем, откако имаше беспрекорна соработка со него во Манчестер Јунајтед.

Покрај Ибрахимовиќ, Мурињо сака да го ангажира и Немања Матиќ, српскиот интернационалец со кого соработуваше и во Челси и во Манчестер Јунајтед. Тој е незадоволен од премалата минутажа во Јунајтед и е достапен за минимална отштета од 10 милиони фунти.

Португалецот Бруно Фернандеш е уште едно потенцијално засилување на Мурињо. Асот на Спортинг беше поврзуван со „спарси“ и во текот на летото, но сега новиот стратег е оптимист дека ќе успее да го убеди сонародникот да му се приклучи во таборот на „спарси“.

Четвртиот ас на листата со желби на Мурињо е Пауло Дибала, за чиј трансфер сепак ќе треба да се почека бидејќи Јувентус нема намера да го продаде Аргентинецот до крајот на сезонава. Тој игра во одлична форма иако не е најстандарден кај Сари, Тотенхем е подготвен да плати 70 милиони фунти, но на одговор сепак ќе треба да почека до летниот преоден рок.

Се вчитува...