Мет Доерти ќе биде ново засилување на Тотенхем откако управата на „спарси“ му ја исполни желбата на Жозе Мурињо и доведе нов десен бек во таборот на лондонскиот клуб. Мурињо инсистираше на нов дефанзивец по десната страна поради непостојаноста во формата на Серж Орие, квалитетен офанзивен бек кој лесно правеше груби стартови и заработуваше картони во последните две сезони во дресот на „спарси“.
Доерти беше „прв пик“ на „специјалниот“, станува збор за играч кој имаше одлична сезона во дресот на Вулверхемптон, каде беше незаменлив по десната страна во формацијата на „волците“. Доерти пред се е исклучително стабилен во извршување на дефанзивните задачи, што секогаш е приоритет кога е Мурињо во прашање. Вулверхемптон одби две понуди од 10 и од 12 милиони фунти, за вечерва да ја прифати третата понуда на „спарси“, во висина од 15 милиони фунти, по што Доерти во текот на утрешниот ден треба да ги мине лекарските прегледи и да го потпише четиригодишниот договор со новиот клуб.
Ангажманот на нов десен бек ќе значи и давање зелено светло за трансферот на Орие во Милан. „Росонерите“ уште на почетокот од месецот ги договорија личните услови со фудбалерот, но Тотенхем не сакаше да го продаде Орие додека не биде ангажирана адекватна замена. Откако трансферот на Доерти е договорен, се очекува во текот на следната седмица и Орие да ја комплетира преселбата на „Сан Сиро“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА