Премиер-лигата беше принудена да одложи уште еден натпревар, оценувајќи дека е преголем ризик Фулам да го одигра денешното лондонско дерби со Тотенхем. Фулам во последните 24 часа имаше нови случаи на коронавирус, а додека состојбата во клубот не се стабилизира беше оценето дека е преризично и за овој тим, но и за противниците, да играат официјални натпревари во Премиер-лигата.
Причината не е толку проблем колку тајмингот, уште од текот на вчерашниот ден се шпекулираше дека овој дуел ќе биде одложен, но раководството на Премиер-лигата чекаше долго, за официјалната потврда да ја соопшти на помалку од четири часа пред почетокот на мечот.
„Треба да играме во седум, а никој не ни кажува дали мечот ќе ни биде одложен. Најдобрата лига во светот“, јавно се пожали Жозе Мурињо.
Само десетина минути подоцна, како одговор до Португалецот стигна официјалната потврда. Сепак, задоцнувањето во информирањето на клубовите беше непотребно, а поради истото целата експедиција на Тотенхем веќе беше пристигната на стадионот, почнувајќи ги подготовките за мечот.
Во таборот на „спарси“ со право се бунат, но јасно е дека одлуката е конечна и нема шанси да биде променета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА