Муслиу си поигра мајтап со Вардар: Ќе потпише со Приштина, па веднаш на позајмица во Шкендија!

Како што претходно најави ЕКИПА, македонскиот репрезентативец Висар Муслиу во пролетниот дел од сезоната ќе биде секако дел од лидерот во Првата лига, екипата на Шкендија. Само што во меѓувреме ќе изоди еден позаобиколен ‘правно-административен пат’ за да стигне до црвено-црниот дрес на Шкендија.

Деновиве во Анталија, 23-годишниот Муслиу тренира со косовскиот прволигаш Приштина со кого и официјално се очекува да потпише договор. Но, како што дознава ЕКИПА, веднаш потоа ќе биде испратен на позајмица во тетовска Шкендија до крајот на пролетната полусезона во македонското првенство.

Сето тоа, според нашите информации, е колку за да се изигра шампионот Вардар каде минатава полусезона настапуваше Висар Муслиу. Репрезентативниот централен дефанзивец на почетокот од сезоната потпиша аматерски договор со Вардар, со можност во било кој момент да го напушти клубот доколку има можност за трансфер во странство. Единствениот услов кој го побарал Вардар во тој договор, е Муслиу кога ќе посака да замине да не може да реализира трансфер во македонски клуб. Со тоа „аматерите“ од раководството на Вардар помислиле дека си ги заштитиле интересите на најтрофејниот македонски клуб. Ама, залудно…

Изигрувајќи ја таа клаузула, Висар Муслиу сега потпишува за Приштина, за што секако нема проблем како странски клуб, а веднаш потоа во договор меѓу двата клуба ќе биде испратен на позајмица во редовите на Шкендија. Така Шкендија сосема очекувано ќе се засили на централната дефанзивна позиција која беше најпроблематична за Ќатип Османи!

ПОВРЗАНО: Висар Муслиу пролетно засилување за Шкендија!

Се вчитува...