МЗТ без Бојиќ во мајсторката против Задар

Македонскиот кошаркарски вицепрвак, МЗТ Скопје Аеродром без првиот стрелец Андрија Бојиќ ќе се бори во третиот решавачки натпревар од баражаот за место во АБА лигата следната сезона на госувањето кај Задар. Поради повреда, Бојиќ не отпатува со тимот на гостувањето.

„Одигравме два изедначени и цврсти натпревари против Задар, екипа за која настапуваат квалитетни и искусни кошаркари. Можевме уште во Скопје да го решиме прашањето околу влезот во АБА-лигата и на најдобар начин да го крунисаме тоа за што работевме цела година. Но и покрај поразот покажавме дека можеме да играме со Задар, кој е апсолутен фаворит ако ги земеме ростерите на двете екипи. Во Хрватска дојдовме сериозно ослабени, без повредениот Андрија Бојиќ, но тоа истовремено е шанса за другите играчи на тие позиции да го дадат максимумот и да ја искористат пружената шанса. Верувам дека со правилен пристап и со почитување на сѐ она што ќе го договориме ќе може да дојдеме до толку посакуваната победа на овој решавачки дуел за двете екипи“ вели во пресрет на натпреварот тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.

МЗТ пропушти голема прилика да се врати во АБА веќе по вториот натпревар од серијата, загуби во Скопје и не го ефектуираше брејкот што го направи со победата на гостински терен во мечот број еден. Мајсторката е закажана за утре.

 

 

Се вчитува...