МЗТ го потпиша Американецот Олуџоби

Директорот Тони Грнчаров денеска најави засилувања на МЗТ Скопје, а само неколку часа подоцна македонскиот првак обелодени дека постигнал договор со Американецот Феми Олуџоби (23 год., 206 см), да го носи дресот на „металците“ до крајот на сезонава.

Станува збор за крилен центар, чија главна карактеристика е брзината и скочноста и кој се очекува да донесе стабилност во играта под кошевите на нашиот тим. Тој доаѓа од Литванија, каде што настапуваше за екипата на Лиеткабелис. За Олуџоби ова е прва сезона како професионалец, откако мина четири во американската НЦАА-лига настапувајќи за Оукленд, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол. Во последните две екипи настапи по една година и тоа со просек од 16,3 поени и 7,7 скока односно со 12,8 поени и 5,4 скока.

Новиот Американец ќе има доволно време за аклиматизација со оглед што МЗТ Скопје следниот натпревар ќе го игра дури на 27 февруари, на домашен терен против Динамик во рамките од АБА2 лигата. Дотогаш се најавува дека ќе се реализираат и најавените заминувања од таборот на аеродромци, во чии редови Олуџоби е дури седми странец во актуелниот ростер.

Се вчитува...