МЗТ има „меч топка“ во Аеродром: Задар да падне, за враќање во АБА1

МЗТ Скопје се наоѓа на чекор до враќање во АБА1 лигата, цел што ќе биде остварена доколку македонскиот вицешампион денеска слави над Задар (18 часот, СЦ „Јане Сандански“). Истиот ривал минатата седмица беше совлада среде Хрватска, што е само мотив повеќе добрата партија да се повтори и денеска во Скопје.

„Ова е исклучително важен натпревар, како за нашиот клуб, така и за целокупната македонска кошарка. Свесни сме дека Задар е силна и искусна екипа, која без разлика на се мора и тоа како да се респектира. Првиот меч мора да го заборавиме и не смееме да размислуваме премногу што ни носи триумфот на овој дуел, туку мора да се фокусираме да одиграме со уште поголема енергија и ангажираност. Противникот сезонава игра подобро на гости, факт кој никако не смееме да го занемариме. Се надевам дека со помош на домашната публика моите играчи ќе одиграат и над моментните можности, за да може на крајот сите заеднички да славиме“ – истакна Кочов.

Американецот Џејмс Вудард, кој беше меѓу најдобрите поединци на првиот натпревар, исто така предупредува дека хрватскиот тим воопшто не е наивен ривал.

Победивме во Задар, но секој меч е приказна сама за себе. Свесни сме дека пред нас е голема шанса и сигурно е дека ќе сториме се за да ја искористиме, во мечот ќе влеземе максимално ангажирано од првата минута. Противникот не е наивен и никако не смее да се потцени, без разлика на епилогот од првиот меч“ – изјави Вудард.

Ова ќе биде 14. меѓусебен натпревар на двата тима во регионалната конкуренција, во кој МЗТ Скопје ќе има шанса да го изедначи резултатот на 7-7. Во Скопје досега биле одиграни шест меча, а скорот е 4-2 за македонскиот претставник. Билетите за средбата се веќе пуштени во продажба по симболична цена од 50 денари.

Се вчитува...