МЗТ ќе менува: Дел од странците не ги оправдаа очекувањата…

МЗТ Скопје се наоѓа на првото место во домашното првенство, моментно е второпласиран во АБА2-лигата, но „металците“ не се најзадоволни од изданијата на дел од странските кошаркари во досегашниот дел од сезоната. Токму затоа, директорот Тони Грнчаров во изјава за клупската веб-страница најави дека репрезентативната пауза ќе биде искористена и за промени во играчкиот кадар на македонскиот шампион.

„Резултатски не можам да бидам незадоволен од тоа што досега е направено, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Првичните замисли ни беа да атакуваме на двата домашни трофеи како и најмалку на пласман во плејофот во АБА2, но подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го дооформиме тимот со кој би дошле до финалето, а таму нека победи подобриот. Не е тајна дека не сме задоволни од учинокот на дел од странските засилувања и во следниот период дефинитивно ќе направиме претумбации во тој дел. Активни сме на пазарот барајќи поквалитетни дополнувања, иако немаме премногу време, бидејќи преодниот рок во АБА завршува в сабота. Промени сигурно ќе има, но на кои позиции и место кои интернационалци, дополнително ќе биде решено“, вели извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром“, Тони Грнчаров.

МЗТ Скопје во својот табор во моментов има шест странски кошаркари, Хрватот Марин Морнар, турскиот центар Регип Атар, Американците Џабари Хиндс и Ерон Харис, како и српските интернационалци Ѓорѓе Милошевиќ и Бојан Радуловиќ.

Се вчитува...