МЗТ лесно до бодови, Фени издржа само една четвртина

МЗТ Скопје славеше очекувана победа на гостувањето во Кавадарци против Фени индустри (56-82), во последниот натпревар од седмото коло во македонскиот шампионат. Домаќините се соочуваат со сериозни егзистенционални проблеми, ростерот во изминатиот период го напуштија сите странски кошаркари, па јасно беше дека само со неколку поискусни и бројни помлади кошаркари тренерот Малинков нема да може да му парира на актуелниот првак. МЗТ Скопје настапи без Бојан Трајковски, кој се мачи со незгодна повреда на мускулот, како и без Дарко Соколов, а во своите редови „металците“ по пауза од еден месец повторно го имаа Минчев.

Фени сепак изненади со добра игра во првата четвртина, во која кавадарчани славеа со 14-12, пред се поради очајната реализација во нападот на МЗТ Скопје (1/9 за три, 3/7 за два поени). Сепак, домаќините не можеа да го издржат темпото, па „металците“ набрзина воспоставија контрола, Лалиќ доминираше во рекетот, a Симоновски погоди три тројки до крајот на полувремето, па шампионот замина на одмор со удобно водство од 25-34.

На почетокот од второто полувреме покрај Лалиќ и Симоновски во ритам влезе и Дамјан Стојановски погодувајќи две тројки, предноста на МЗТ стана двоцифрена, а ниту тајмаутот на Малинков не ги запре налетите на „сино-белите“, па шампионот ја заврши третата четвртина со убедливи 20 поени разлика (40-60). Последните десет минути беа рутина за избраниците на Александар Тодоров, кои на крајот славеа со конечни 56-82.

Лалиќ со 20 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Симоновски реализираше 15 поени (пет погодени тројки), додека Дамјан Стојановски го заврши мечот со осум поени, седум скока и четири асистенции. Кај Фени индустри најдобри поединци беа Јане Петровски со 19 и Милков со 12 поени.

МЗТ Скопје викендов го очекува тешко гостување во Хрватска против Цедевита, по што во наредното коло од домашното првенство на ред е вечното дерби со Работнички, што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...