МЗТ почнува со „невозможната мисија“

МЗТ Скопје се наоѓа во негатива од 0-2 во финалната серија од АБА2 лигата против Приморска, но „металците“ се надеваат дека со триумф на денешниот натпревар (18 часот, СЦ „Јане Сандански“) ќе се вратат во игра во „невозможната мисија“ да се врзат три победи по ред и со голем пресврт да се стигне до титулата.

Јасно е дека по двата убедливи порази на гостувањата во Словенија најважно од се ќе биде да се врати самодовербата, за што неопходна ќе биде и поддршка од трибините.

Екипата на Приморска со игрите во текот на целата сезона покажа дека е зрела за АБА лигата. Зад нас се рунди во кои бевме нокаутирани, но сега ќе играме дома, сакаме да покажеме дека тие две средби не беа реална слика за нашиот тим. Немаме време за посебна подготовка, но ќе направам се што е во моја моќ за да го кренам тимот, без разлика што немам многу време со оглед на пеколниот ритам во кој се игра ова финале. Пред нас се средби пред нашите верни навивачи и се надевам дека ќе прикажеме многу подобра кошарка од таа во Копер“ – истакна тренерот Ѓорѓи Кочов.

Доколку МЗТ Скопје успее да триумфира на денешниот натпревар, четвртиот финален меч ќе се игра утре, повторно во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...